Фудбалерите на Челзи ја оправдаа фаворитската улога во првиот меч од новата сезона против Барнли и славеа како гости со 3:1.
Иако Челзи одлично го почна мечот, со шанса, сепак домаќините први поведоа. По лошата реакција на одбраната на „сините“, Арфилд во 14. минута ја погоди мрежата на Тибо Куртоа кој како што се очекуваше доби шанса пред ветеранот Петр Чех.
До крајот на полувремето Челзи направи пресврт и го реши мечот. Најнапред Диего Коста во 17. минута со својот прв гол во дресот на лондонскиот тим на првиот официјален меч израмни на 1:1, а четири минути подоцна Шурле на асистенција на Фабрегас му носи предност од 2:1 на Челзи.
Конечните 3:1 ги постави српскиот дефанзивец Бранислав Ивановиќ, а повторно во асистентска улога се најде Фабрегас.
Последните пет минути во дресот на Челзи ги одигра и повратникот и легенда на лондонскиот клуб, Дидие Дрогба.