Чепреганов: Нема никој право од Бугарија да ми вели дека не сум Македонец, тука се говори македонски јазик, се пеат македонски песни

„Зошто Крсте Мисирков напишал книга „За македонцките работи“, а не за „Бугарските работи“? Што вели Славејков 1871? „Најпосле македонското прашање излезе на јаве и се покажа во печатот“, значи толку постои. Тогаш нема што да се дискутира, македонското прашање постои и тој период, значи нема право никој од Бугарија да ми вели дека до 1944 година Македонците се Бугари“, истакна професорот Тодор Чепреганов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Чепреганов додаде дека бугарската политика со години сака да наметне дека во Македонија се пеат секакви песни, само не македонски. Македонија си има свои македонски песни, и култура.

„Договорот што нели беше потпишан помеѓу Македонија и Бугарија гласеше Договор за пријателство и добрососедство? Што значи тоа? Тоа значи два народи меѓусебно да се помагаат и да се однесуваат пријателски и во случај и на некои премрежја да си помагаат. Дали е тоа во случај со овој македонско – бугарски договор што го имаме во моментов, кога Бугарија требаше да влезе во ЕУ кога побараа од Македонија Декларација да потпише нема никакви проблеми, Македонија тоа го направи без проблем. А, кога Македонија побара од Бугарија тоа да го направи, Бугарија нѐ уценува со заедничка историја. Каква заедничка историја имаме со Бугарија“, запраша професорот.

Тој посочи дека во Македонија се говори македонски јазик, нема никаква допирна точка со бугарскиот јазик.
Чепреганов нагласи дека четирите бугарски барања се мешање во внатрешните работи во Македонија.