Чешка ја зголеми старосната граница за пензионирање за седум месеци

Чешката влада денеска ги одобри реформите на пензискиот систем, со кои се зголеми старосната граница за пензионирање и се намалува висината на пензиите за идните пензионери.

Реформите се усвоени со цел да се заштедат милијарди долари буџетски средства, а старосната граница се поместува за седум месеци, односно од 65 години на 65 години и седум месеци, пренесуваат британските медиуми.

Согласно усвоената реформа, пензиите за идните пензионери се намалени за околу осум отсто во однос на сегашниот износ на пензиите.

Се додава дека како и многу други развиени земји, Чешката Република, исто така, се соочува со притисок врз нејзиниот фискален систем поради стареењето на населението, зголемувањето на животниот век и ниската стапка на наталитет.

-Промените ќе го спречат колапсот на пензискиот систем и ќе обезбедат достоинствени пензии за денешната млада генерација, изјави чешкиот премиер Петр Фијала.