Чешката Република воведе построги прописи поради растот на бројот на новите случаи на зараза со новиот коронавирус на дневно ниво, кој во средата надмина 2.000 случаи.
Рестораните, кафулињата, баровите, ноќните клубови и сличните локали ќе можат да примаат толку гости колку што имаат места за седење, соопшти чешкото министерство за здравство во средата вечерта.
За настаните во затворени простори со повеќе од десет лица, секој посетел ќе мора да има доделено место. Со тоа би требало да се создаде „одредена дистанца“. Исклучок ќе бидат изложбите и трговските саеми.
Бројот на заразените во Чешка секојдневно расте, па така во средата го достигна рекордното ниво со 2.139 новозаразени, најмногу од почетокот на епидемијата во земјата. Ден претходно беа потврдени 1.675 случаи.
Досега во Чешката Република потврдени се 41.032 случаи на заразата од што 22.931 пациент оздравел, а починале 482 луѓе.
Владата соопшти дека ги зголемува капацитетите за тестирање на Covid-19, како и дека болниците се подготвени да се справата со зголемениот број хоспитализирани на дневно ниво од неколку стотици лица. Министерството за здравство претходно објави дека на одделите за интензивна нега во земјата има 1.086 празни кревети и 7.870 кревети со кислородна поддршка.