Чешка годинава не планира одредување датум за воведување на еврото

Чешката народна банка и Министерството за финансии препорачуваат за сега да не се одредува датум за воведување на еврото и во 2014 година земјата да не настојува да влезе во режимот за девизен курс ЕРМ-2, јави дописникот на МИА од Прага.

Оваа заедничка препорака, која произлегува од документот за исполнување на критериумите на Мастрихт е усвоена на една од владините седници.

Чешка со влезот во ЕУ се обврза да преземе чекори за што поскоро пристапување кон еврозоната. Поставувањето на датум за влез е во надлежност на земјите-членки и зависи од степенот на нивната подготвеност.

Според економските аналитичари, оваа одлука на чешките власти одговара на економската реалност и тековното расположение на граѓаните во однос на еврото. Заедничката европска валута, со оглед на проблемите во еврозоната, скептицизмот и недовербата на претходната Влада на Петр Нечас, не е омилена кај чешките граѓани.

Експертите сметаат дека земјата ќе биде подготвена за прифаќање на еврото најрано во 2019 или 2020 година.

Во однос на исполнување на формалните барања за усвојување на еврото (критериумите од Мастрихт), Чешка иако е блиску до остварување на истите, се уште не исполнува два од четирите услови. Земјата во моментов не го исполнува критериумот на стабилноста на цените и критериумот за конвергенција на каматните стапки, но се очекува тоа да го направи годинава.