![ceska eu](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/ceska-eu.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Чешката Република во петокот го презема ротирачкото шестмесечно претседавање со Европската унија сосема фокусирана на војната во Украина.
„Ова претседателство не се подготвувало за убаво време, туку за лош“, вели за AFP аналитичарот Павел Хавличек од прашкото Здружение за меѓународни работи.
Чешка полугодишното претседавање со ЕУ го презема од Франција, а мотото на нејзиното претседавање гласи „Европа е задача“.
Оваа централноевропска земја од поранешниот комунистички блок со 10,5 милиони жители, членка на ЕУ од 2004 година, вети дека главно ќе се насоли на помош на Украина и последиците од војната. Чешка сака да помогне во зауздувањето на бегалската криза, да го покрене напорите за повоената обнова, да ја зајакне енергетската безбедност, одбранбените капацитети и економската отпорност на ЕУ и да ја подобри отпорноста на нејзините демократски институции.
За санкциите
„Чесите стекнаа почитување во странство со помагањето на Украина“, оценува Хавличек.
Од почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари, Чешка примила речиси 400.000 украински бегалци и пружила значителна финансиска и воена помош на Киев. Во рамките на ЕУ, Прага е гласен соговорник на санкциите против Русија.
Десничарскиот премиер Петр Фиала, поранешен политички аналитичар кој е коавтор на книга за ЕУ на 992 страници, неодамна изјави дека ќе се обиде да организира средба на врвот со украинскиот претседател Владимир Зеленски.
На настанот, исто така, би требало да присуствуваат и челниците на земјите од западен Балкан чијшто пат кон Европската унија, кој го поддржува Чешка, е во застој.
Меѓутоа, самитот кој на Украина би ѝ понудил нешто како Маршаловиот план, односно американската иницијатива за помош во обновувањето на западна Европа по Втората светска војна, ќе се одржи само доколку дотогаш војната во Украина биде завршена.
Политичкиот коментатор Јири Пехе вели дека овој предуслов го чини целиот проект нереален.
„Судирот тешко дека ќе заврши пред крајот на чешкото претседавање. Мислам дека Чесите само ќе се обидат да организираа самит за Украина и … да ги убедат другите земји да продолжат да ѝ помагаат“, додава Пехе во прологот на AFP,
Евроскептичните Чеси
Чесите се во лоша позиција за расправата за економското закрепнување или енергетската безбедност, оценува Пехе.
Имено, според него, земјата се соочува со висока инфлација, не ѝ се приклучи на еврозоната и се потпира на нуклеарната енергија којашто ја отфрлија некои членки на ЕУ, вклучително и соседната Германија.
На крајот од септември 2021 година, чешкиот претседател Милош Земан го потпиша ткн „законот за ниско ниво на јаглерод“, кој, меѓу другото, предвидува исклучување на руски и кинески компании како потенцијални понудувачи за двете чешки нуклеарни централи „Темелин“ и „Дуковани“.
Владата во Прага којашто го предложи тој документ, ја аргументираше одлуката од безбедносни причини. На 12-ти февруари годинава чешкиот премиер Петр Фиала изјави за медиумите дека во иднина во нуклеарната централа „Темелин“ би можело да бидат изградени два нови енергетски блока. За двете нуклеарки Прага обезбеди нуклеарно гориво за следните три до пет години.
„Чешка тешко може да понуди лидерство во тој поглед, а мислам дека попрво ќе посредува на самити или разговори за тие прашања, додека другите земји ќе ја преземат водечката улога“, истакнува Пехе.
Чесите инаку се наклонети на евроскептицизмот. Анкета којашто во март ја спроведе агенцијата STEM по нарачка на владата покажа дека само 36 отсто од нив се задоволни со ЕУ.
Владата на десниот центар на Фиала е помалку евроскептична отколку некои од нејзините претходнички, но аналитичарите ја доведуваат во прашање нејзината способност да се дистанцира од Унгарија и Полска кои се во долга конфронтација со бирократите во Брисел поради своите суверенистички политики. Чешка има тесни врски со двете земји, како и со Словачка со која беше во заедничка држава, во рамките на Вишеградската група која заедно ги водеше евроатлантските интеграции.
Еврокомесарката од чешката квота Вера Јурова неодамна апелираше на владата да заземе јасен став кон Унгарија и Полска пред преземањето на претседателството со ЕУ. Меѓутоа, Пехе е скептичен.
„Не гледам шанса дека Чешка ќе зазема покритичен став“, вели.
На Чешка ова ѝ е вторпат да претседава со ЕУ, по она во првата половина од 2009 година, откако во 2004 година стана членка. За да го одбележи почетокот на претседавањето, во Чешка во петокот ќе допатува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.