Чешка тешко заболените почна да ги праќа на лекување во странство

Чешка денеска го префрли првиот пациент со тешки симптоми на Ковид-19 на лекување во Полска, откако минатата недела го активираше барањето за солидарност и помош од земјите во ЕУ кои се помалку погодени од пандемијата и можат да и помогнат затоа што нејзиниот здравствен систем е на работ на колапс, со само 14 проценти слободни кревети на интензивна нега.

Една постара жена со тешки симптоми денеска е пренесена во болницата Рачиборж, во јужна Полска, а Германија и Швајцарија, исто така, се понудија да и помогнат на Чешка со прифаќање на нејзините пациенти, бидејќи чешкиот здравствен систем е пред амбис, со рекордни 1.789 пациенти на интензивна нега или на респиратори со Ковид-19 и со вкупно 8.478 пациенти во болниците.

Како резултат на првите десет дена од строгото заклучување, со кое Чесите се затворени во областите во кои живеат, од вчера дневниот раст на новозаразени е намален на 10.466, или за околу 1.700 помалку во споредба со минатиот понеделник, а во цела чешка во м оментов се активни 163.034 заразени случаи.

Од почетокот на пандемијата, во Чешка со коронавирус беа заразени 1,33 милиона лица, од кои 22.147 умреа, а земјата, заедно со Словачка, е една од европските земји со најголем број жртви на пандемијата на милион жители.