Чешката влада одобри заедничко купување тенкови „Leopard“ со Германија

Чешката влада го одобри планот да ѝ се придружи на Германија во заедничко купување до 77 тенкови „Leopard 2А8“ за да го заменат вооружувањето на Чешка од советската ера, објави во средата премиерот Петр Фиала.

Одобрувањето е чекор кон финалниот заеднички план за набавка од германско-францускиот производител KNDS, кој се очекува до крајот на годинава.

„Владата одобри да се приклучи кон заедничкото купување на тенкови ‘Leopard’ кои потоа ќе ја заменат советската опрема од нашите магацини. Заедничките набавки ќе помогнат да се намали крајната цена и да се овозможи учество на чешката индустрија“, изјави Фиала.

Членката на НАТО, Чешка веќе доби 15 постари тенкови „Leopard 2А4“ од Германија, во замена за оние тенкови што Прага му ги испорача на Киев.

Чешката влада се согласи и со германската понуда да добие уште 15 бесплатно и да купи уште 15. Со тоа Чешката Република ќе добие вкупно 122 тенкови „Leopard“ од различни модели.

Цената на новите 77 тенкови „Leopard 2А8“ може да достигне 2,29 милијарди долари до 2030 година, објави Министерството. Државата првично е заинтересирана да купи 61 од нив, со опција за уште 16. Новите тенкови, заедно со веќе договорената набавка на оклопни возила „CV-90“, ќе ѝ овозможат на Чешка да формира моторизирана бригада.