Кога со хеликоптер била донесена жена во бесвесна состојба која во 15-та седмица од бременоста претрпела тежок мозочен удар во болница во април, нејзините шанси за преживување биле мали, а само малку поголеми биле шансите на фетусот кој го носела.
Меѓутоа, на 15-ти август, и покрај сите прогнози, со царски рез било породено бебе тешко 2,13 килограми и долго 42 сантиметри, со што е поставен нов рекорд во оваа постапка, објави универзитетската болница во Брно во понеделникот.
Според соопштението, 117-те дена колку што го одржувале во живот, инаку постапка полна со потенцијални компликации, веројатно претставува рекорд за најдолго вештачко одржување на бременоста кај мајка чиј мозок е мртов.
На мајката, чијшто идентитет не е откриен, лекарите мозочната смрт ја утврдиле кусо откако била донесена во болницата, а лекарите веднаш започнале со борбата да го спасат нејзиното дете.
Ја ставиле 27-годишната жена на вештачко одржување во живот за да ја зачуваат нејзината бременост, па дури и редовно ги подигнувале нејзините нозе за со симулорање на одење да се помогне во растот на плодот. По пораѓањето во 34-та седмица од бременоста, во присуство на сопругот и другите членови на семејството, медицинскиот персонал го запрел системот за одржување во живот и со тоа на младата жена ѝ дозволил да почине.
„Ова навистина беше вонреден случај, кога целото семејство се држеше заедно, без нивната поддршка и нивниот интерес никогаш не ќе завршеше на овој начин“, изјавил за медиумите Павел Вентруба, шеф на одделот за гинекологија и опстерација во болницата во Брно.