Чешки лекари победија агресивна леукемија

Чешки лекари успеаја да излекуваат пациент кому му бил дијагностициран тежок вид на леукемија.

На 27-годишниот пациент му била ординирана терапија од лек кој се уште се тестира во САД, во цела Западна Европа, како и во Полска и Русија и кој производителот го овозможува само на тешко болни пациенти кои исполнуваат одредени критериуми.

Лекот е развиен од американската биотехнолошка компанија „Амген”.

Принципот на лекот се состои во тоа што, во телото на пациентот се мобилизираат природни „механизми за убивање” кои се насочуваат директно против туморските клетки.

– Благодарејќи на лекот, телото на пациентот ќе дојде во состојба кога воопшто не можеме да ја детектираме леукемијата ниту кога ги користиме нашите најчувствителни молекуларно-генетски методи, објаснува доктор Цирил Шалек од чешкиот Институт.

За разлика од хемотерапијата, овој лек во телото се внесува на подобар начин, во форма на раствор кој во телото еден месец се вбризгува преку специјална пумпа која пациентот ја носи во мала торба преку рамото.

Пациентот е хоспитализиран до една недела, а еднаш во четири дена е потребна промена на пумпата.

Според лекарите, ставањето на лекот во широка потрошувачка ќе биде огромна револуција и можност за излекување на болните. Се предвидува дека тоа е можно за 5 до 10 години.