Чешка прими уште осум бегалци од Грција врз основа на ЕУ- квотите

Група од осум бегалци пристигнале во Чешка, врз основа на квотите за прераспределба одобрена од Европската унија и моментално во земјата има вкупно 12 мигранти, јави дописникот на МИА од Прага.

Според чешкото Министерство за внатрешни работи, се работи за две семејства кои веќе ја поминале безбедносната проверка, а во тек е вообичаена процедура за доделување на меѓународна заштита.

– На нашата територија првично требаше да пристигнат 11 луѓе, но врз основа на интервјуата за безбедност, на крајот пристигнаа овие осум, изјави портпаролката на МВР Луцие Новакова.

Чешка, до крајот на 2017 година, според квотите, мора да прими 2.691 лице од медитеранските земји, кои највеќе се зафатени од миграциската криза. Првично, земјата на доброволна основа се согласи да прими 1.100 мигранти.

Во февруари годинава, Чешка понуди кај неа да се префрлат 20 луѓе, но пристигнаа четири сириски бегалци од Грција. Како што беше соопштено, три лица самите се откажале, додека 13 не ја поминале безбедносната проверка од чешката служба.

Квотите за распоредување се однесуваат на 120.000 баратели на азил од Италија и Грција, а според чешкото МВР механизмот за распоредување е многу спор и нефункционален, со оглед на тоа што до половината на август до останатите европски земји се распоредени 3.947 лица.

Според изјавата на министерот за внатрешни работи Милан Хованец од пред неколку дена, Чешка годинава нема да прими ниеден бегалец од Турција, обврска која произлегува од договорот на ЕУ со Анкара за ограничување на миграцијата.

Хованец додаде дека поради специфичната ситуација во Турција, по обидот за воен удар, чешката безбедносна служба врши „многу прецизни проверки” на бегалците кои евентуално би живеееле во Чешка.