![gruevski-cestitka](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/07/gruevski-cestitka.jpg?resize=480%2C220&ssl=1)
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по повод запчнувањето на Рамазанските пости упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и до верниците од исламска вероисповед.
Интегрален текст од честитката:
Почитуван поглавар на Исламската заедница во Република Македонија
Господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,
Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам започнувањето на Рамазанските пости.
Деновите на светиот месец Рамазан се од големо значење за исламските верници, тие носат мир во душата, хармонија, проштевање и разбирање. Правењето добри дела, помагањето помеѓу луѓето, молитвата и посветувањето на Бога, се вредности на ова Ваше празнување, но се и универзални вредности почитувани од многу луѓе, како и од многу религии. Колку повеќе ги почитуваме, толку подобар и посреќен ќе биде нашиот живот и општеството во кое живееме.
Соживотот на разните религии кои живеат во нашата земја да придонесе кон понатамошно засилување на почитта и соработката, и да помогне со заеднички сили да продолжиме да работиме посветено и одговорно кон унапредувањето на можностите во сите општествени сфери, на растот на економијата и подобрувањето на секојдневието на луѓето и на напредокот на Република Македонија.
Токму затоа, Ви посакувам лесен пост, радосни празнични денови и ваквите особини да Ве следат во целата година и за целиот Ваш живот.