Честитка од Груевски по повод празникот Ханука

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски по повод празникот Ханука упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија Берта Романо-Николиќ и членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

Интегрален текст од честитката на премеирот Груевски:

Почитувана Г-ѓо Романо-Николиќ,

Дозволете ми, од името на Владата на Република Македонија и од свое лично име на Вам и на сите припадници на Еврејската заедница да Ви упатам срдечни и искрени честитки по повод големиот Еврејски празник на светлината, песната и децата – Ханука.

Чествувањето на овој празник доаѓа токму во време кога човештвото е исправено пред големи предизвици во кои наместо говорот на срцето често пати говори оружјето, насилството и безумието. Ханука е еден од празниците кои ја симболизираат нескротливата желба на поединецот да биде слободен, да биде свој на своето, а во содејство со другите да гради свет на сигурност, мир, толеранција и почит. Токму од овие причини, нека и оваа година менората засвети силно во секој од Вашите домови, а воедно да даде светлина и врз целиот свет за да не се повторуваат грешките од минатото и да се цени животот и слободата на човекот.

Верувам дека вредностите на овој Ваш празник дополнително ќе придонесат за заедништвото на граѓаните на Република Македонија, за меѓусебното почитување, толеранција и соработка и ќе ни дадат сили да продолжиме со реформите кои ќе значат унапредување на можностите во сите општествени сфери за секој наш граѓанин, и за изградбата на силна Република Македонија.

Ви посакувам убави празнични денови и безгрижни семејни мигови.

ХАГ ХАНУКА САМЕАХ!