Честитка од Иванов по повод Пасха

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до Берта Романо-Николиќ, претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

Интегрален текст од честитката на претседателот Иванов:

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви го честитам претстојниот празник Пaсхa, денот кога се прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство.

Еден од најголемите еврејски празници, празникот Пaсхa во себе ја содржи пораката за слобода, правда и достоинство. Гледајќи наназад низ историјата, празникот го слави ослободувањето на Евреите, но и го отсликува поривот за победа, саможртвата и непокорот на еден народ.  Македонската историја бележи многу херои и жртви на знајни и незнајни јунаци кои ги поставија темелите на сувереноста на Република Македонија.  Сите заедно градиме дом на сплотеност и разбирање. Негувајќи ги меѓусебните односи, културата и традициите, градиме дом на соживот и вредности за идните генерации.

Честитајќи Ви го празникот Пaсха примете ги моите искрени желби за мир, меѓусебна доверба и пријателство.