Претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на победа над фашизмот, 9 мај, и Денот на Европа ја упати следната порака: „Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности.
Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата.
Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. Победата над фашизмот е и победа за Европа.“