
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископ охридски и македонски, г.г. Стефан, членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство и до православните верници.
Почитувани:
На овој светол и благословен ден, кога небото се отвора и Божјата светлина се спушта на Земјата, ви го честитам големиот христијански празник Богојавление ̶ Водици.
Овој празник има длабоко духовно значење и особена симболика во нашата вера. Исусовото крштевање во реката Јордан не претставува само осветување на водата, туку чистење, духовна обнова и нов почеток. Богојавление е ден кога ја чувствуваме Божјата присутност во нашите животи, ден кога со отворено срце ја примаме љубовта и светлината којашто Бог ни ја дарува, потврдувајќи ја нашата верба во него.
Денес кога го славиме Божјото откровение на Земјата, ние сме повикани да го покажеме најдоброто и најсветлото на овој свет. Оваа година нека биде година на обнова, љубов и заедништво, со Божји благослов, а овој празник нека биде поттик за сите нас со верба да продолжиме по патот на љубовта и правдата, да бидеме светлина за другите и да градиме поубав свет исполнет со милост и со сплотеност.
Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник Богојавление ‒ Водици.
Бог се јави!, стои во нејзината честитка до граѓаните.
Инаку, Сиљановска-Давкова, денеска во Охрид и во Струга, ќе присуствува на одбележувањето на Богојавление – Водици. Заедно со свештенството и граѓаните, претседателката ќе присуствува и на чинот на осветувањето на водите и положувањето на светиот крст во Охридското Езеро.
Потоа, во Струга таа ќе ја проследи и црковната церемонија на осветувањето на водите и положувањето на чесниот крст во реката Црн Дрим, водосветен чин, што ќе биде извршен од неговото Блаженство г.г. Стефан.