Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.
Во продолжение интегрален текст од честитката на Вељаноски:
Ваше Блаженство,
Со особена чест и задоволство, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архепископија, како и на сите православни верници на Македонската православна црква во земјата и во странство, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Христовото крштевање e голем настан кој ја рашири Божествената тајна со која се осветуваат водите, а со тоа и нашето духовно раѓање и нашата блискост до Бога. Богојавление – Водици го симболизира зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. Големиот христијански празник да продолжи да ни биде извор на потребната сила со која ќе ги издржиме сите предизвици и искушенија, и ќе ја продолжиме вековната традиција на зацврстување на христијанството. Нашите мисли секогаш да бидат насочени кон добрина и обединување на луѓето, со што ќе овозможиме среќен и благодетен живот.
Денес, православните христијани во Македонија го одбележуваат крштевањето на водите и го продолжуваат патот кон почитување и залагање за вистинските вредности, разбирање со блиските и чување на духовното наследство.
Вам, како и на сите православни верници од Македонија и светот, Ви посакувам бериќетна година исполнета со многу здравје и успеси.
Нека ни е честит и вековит овој голем христијански празник.