Честитки на државниот врв до верниците од католичка вероисповед по повод Божик

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев упати честитка до д-р Киро Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Светата Столица во Република Македонија, и во име на Владата и во свое лично име го честита празникот Христово раѓање – Божик на верниците од католичка вероисповед:

„И оваа година се роди богомладенецот, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“
Секоја година Божик повикува на нова, лична преобразба, да понудиме мир за сите и да повикаме да го преобразиме злото во добро.

Секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство. Во секој дом и во општеството, во кое сите сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите.

Христос се роди. Среќен Божик за сите!“.

Претседателот на собранието, Талат Џафери им го честита големиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ на припадниците на Католичката вероисповед.

„Овој голем христијански празник и претстојните празнични денови, нека донесат добра мисла, спокој и единство за сите! Радоста што овие денови ја носат, споделете ја со најблиските и нека овие денови бидат исполнети со многу среќа, здравје и благосостојба во вашите домови. Сите заедно, сплотени, да се стремиме кон подобра иднина за сите граѓани на Република Македонија.

Уште еднаш, на сите кои го прославуваат Рождеството Христово според Грегоријанскиот календар, им посакувам радост и среќа во текот на целата година“ напиша Џафери во честитката до припадниците на Католичката црква.

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи упати честитка по повод католичкиот празник Раѓање Христово – Божик до Скопската бискупија, бискупот скопски и апостолски егзарх Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед.

„Божикните денови го осветлуваат животот на секој христијанин со посебна радост и будат најубави возвишени чувства. Најсветиот христијански празник, раѓањето Христово – Божиќ е празник кога се негуваат убави мисли и дела, посебно кон најближните и кон оние на кои таквата љубов и поддршка им е најпотребна. Затоа, нека овие денови бидат инспирација за правење добри дела и меѓусебно помагање на сите луѓе. Нека бидат поттик за остварување на вредностите кон кои сите заеднички се стремиме: слободата, еднаквоста и праведноста“, пишува во честитката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.