Четири медитерански земји бараат ревизија на системот за управување со миграциите во ЕУ

Италија, Грција, Малта и Кипар го осудија во саботата системот за управување со миграциите во Европската унија според кој тие понесуваат несразмерен товар и бараат помош од Европската комисија.

Четирите земји „се првата почва на ЕУ на којашто влегуваат …(мигрантите) и тие мора да го понесат најтешкиот товар од мигрантскиот прилив на Медитеранот, во согласност со меѓународните обврски и прописи на ЕУ“, наведуваат во заедничката објава во Рим министрите за внатрешни работи на Италија, Малта и Кипар и министерот на Грција за миграции.

Потсетуваат на ангажманот на ЕУ од јуни годинава во Луксембург за воведувањето доброволен механизам на солидарност“ кој треба да овозможи преместување и преселување на 10.000 лица секоја година во другите земји членки на ЕУ од оние држави во коишто влегле.

„Резултатот од спроведување (на договорот) разочарува. Механизмот е бавен а бројката од 10.000 преместување не е остварена и таа е само бел од нелегалните доаѓања на мигрантите во текот на годината“, наведуваат споменатите четири земји.

Овие земји поради нивната географска положба се првите на ударот на мигрантскиот прилив, и веќе со година барат воведување систем за задолжително преместување и преселување на мигрантите. Меѓутоа, повеќе членки на ЕУ одбиваат на своите територии да ги примат мигрантите, а не функционира ниту механизмот за пропорционално преместување.

Во очекување на новиот договор за управување со миграциите „кој би бил ефикасен, праведен и траен“ четворицата министри повикуваат на „итна и неопходна дискусија за тоа како подобро да се координираат операциите на спасување во Медитеранот“, така што бродовите на невладините организации кои ги спасуваат мигрантите ќе ги почитуваат прописите.

Државите под чиешто знаме пловат бродовите ангажирани од невладините организации кои во Медитеранот ги собираат мигрантите од нивните дотраени пловила, оттаму, треба да ја преземат целосната одговорност за нив, се порачува во објавата.

Изјавата следува по спорот меѓу Италија и Франција која кулминираше во петокот кога бродот „Ocean Viking“ на невладината организација SOS Mediterranée со 230 мигранти вплови во француското пристаниште Тулон, бидејќи Италија не му дозволи влегување во некое од нејзините пристаништа.

Француската влада во четвртокот се согласи да го прими броди, но претходно ја критикуваше Италија и објави дека ќе ги откаже плановите да прими 3.000 мигранти кои пристигнале во соседната земја и исто така сојузник во Европската унија и во НАТО.

Имиграцијата е чувствително прашање и во Франција и во Италија, а францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дерманен во четвртокот изјави дека одлуката на новата италијанска десна влада за забрана бродот да вплови откако со денови пловел околу островот Сицилија е „себично“ и „за осуда“.
Италија ги отфрли овие критики и порача дека француската реакција е показател за неуспехот на Европската унија да се справи со растечкиот број на доаѓања на мигрантите од кои голем број пристигнуваат со бродови од северот на Африка.

„Ги повикуваме Европската комисија и претседателството да ги донесат потребните мерки за оваа дискусија“, наведуваат во саботата споменатите земји.