Четири милиони луѓе остануваат без индиско државјанство

Четири милиони луѓе во Индија со еден потег се прогласени за нелегални мигранти.

Ова е резултат на новиот попис на граѓани, кој го објави владата во државата Асам, за кој критичарите велат дека се однесува директно против муслиманите.

Индија, врз основа на контроверзниот прелиминарен регистар на граѓани, практично остави без државјанство четири милиони луѓе од државата Асам. Во оваа држава сега живеат 29 милиони луѓе, иако околу 33 милиони жители поднесоа барање да бидат внесени во државниот регистар.

Ова е историски ден за Асам и цела Индија, рече Шајлеш Најак, шеф на службата за регистрација на граѓани во Индија.

Мерка вперена против муслиманите?

Цивилниот регистар на крај, ги опфати само жителите кои можат да докажат дека живееле во Асам и пред 1971 година. Имено, од март до декември 1971 година во Асам се доселија милиони луѓе, бегајќи од војната за независност во соседниот Бангладеш.

Тие луѓе, кои засега не се запишани во официјалниот регистар на граѓани, мораат да докажат дека нивните семејства живееле во Индија пред основањето на државата Бангладеш. Во спротивно, им се заканува депортација.

Шајлеш Најак рече дека оние кои не се внесени во регистарот, можат до крајот на септември да поднесат жалба.

На луѓето ќе им биде понудено адекватно време за да поднесат жалба. Ниту еден вистински граѓанин на Индија нема од што да се плаши, рече тој.

„Веројатно само муслиманите мораат да поминуваат преку сложена и неправедна постапка со поднесување на жалби“, изјави Рикен Пател, во име на американската агенција за човекови права, „Аваз“, која исто така го критикува тоа што на луѓето не им е дадено право да имаат свој правен советник.

Конечниот национален регистар на индиски државјани, ќе биде објавен после решавање на сите спорни барања.

Нетрпеливост помеѓу хиндуистите и муслиманите

Хиндуистичките националисти, муслиманите ги сметаат за натрпаници, а така веќе ги нарече и индискиот премиер Нарендра Моди, кој е на власт од 2016 година. Неговата влада го оправдува овој попис на граѓани, со тоа што мора да им се влезе во трага на „нелегалните мигранти“. Поради тоа, критичарите зборуваат за антимуслиманска мерка, од страна на националистичката партија БЈП, која владее со Асам и Индија.

Во минатото, тензиите помеѓу племињата во Асам и бенгалските муслимани доведуваа до смртоносни насилства. Со владата на чело со премиерот Моди, екстремното насилство над муслиманите во Индија повторно порасна. За да се спречат немирите, пред објавување на нацрт регистарот на граѓани, ширум Асам се распоредени илјадници припадници на силите за безбедност.

Помеѓу муслиманите владее и страв од депортација. Во однос на тоа дека сиромашниот и пренаселен Бангладеш веројатно нема да сака да ги признае како свои граѓани, па да прими четири милиони луѓе, кои во тој случај би можеле да станат лица без државјанство. Тоа би можело да значи, дека ги очекува судбина слична како и на речиси милион припадници на муслиманското малцинство Рохинџа, кои бегајќи од насилството на војските во Мајанмар, минатата година побегнаа во Бангладеш.