Четири нови пожари попладнево, два предизвикани од удари од гром

Четири нови шумски пожари започнаа во попладневните часови. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов соопшти дека пожари избувнале во Ресен и Охрид на Галичица, на планината Лубин кај селото Цер, во месноста викана Клепало, Беровско и во месноста викано Чупино Брдо кај кривопаланечкото село Луке.

Во пожарот на Галичица гори нискостеблеста вегетација и букова шума. На исток е во правец на селата Лескоец и Стење, општина Ресен, додека на Охридска територија на запад кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа. Попладнево за гаснење на пожарот дејствуваа хелихоптер на МВР на ресенска страна, три ЕТ – ДЗС и Германија на охридска страна, а во гаснењето на огнената стихија вклучени се и 120 лица и тоа од ДЗС, ТППЕ, НП, Планинска спасителна служба, доброволци и други лица.

Нов пожар изби попладнево на планината Лубин, кај кичевското село Цер, каде гори меѓана шума. Пожарот го гасат припадници на противпожарната единица.

Пожар има и во Беровско, кај месноста викана Клепало над браната Ратевска Река каде гори борова шума. Како што се посочува во информацијата од ЦУК, овој пожар е предизвикан од удар на гром, а го гаснат десет припадници на противпожарната единица.

Причина за пожарот во месноста викана Чупино Брдо, кај кривопаланечкото село Луке е исто така гром. Гори мешана шума, а пожарот е проширен и на територија на Република Србија.