Четири нови случаи на ХИВ и еден на СИДА, еден смртен случај; од 1987–2024 починале 127 лица

Најчести пријавувани акутни заразни заболувања во февруари биле овчите сипаници – 661, по што следуваат ентероколитиси – 207, па пертусис или големата кашлица – 120 случаи, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.

-Во однос на претходниот месец – јануари, се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 26,8 отсто, додека во однос на месец февруари 2023 година, се регистрира намалување за 5,6 проценти. Во однос на претходниот месец јануари, се регистрира зголемување на бројот на заболени лица од ентероколити за 27 проценти, додека во однос на месец февруари 2023 година, се регистрира зголемување за 88,2 отсто, пишува во извештајот.

Во февруари пријавени се и четири случаи потврдени на ХИВ и еден на СИДА, од машки пол, кои се на возраст од 20 до 39 години.

-Пријавен е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во 2018 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 35 до 39 години. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи, заклучно со 29 февруари, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Македонија, за периодот 1987–2024, изнесува 645 и тоа – 127 лица починале, 518 лица живеат со ХИВ/СИДА, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Пријавени се вкупно и 49 случаи на Ковид-19 во текот на февруари.

Во текот на февруари, пристигнати биле две пријави за заразно заболување за ентероколит кај странски државјанин од Шведска и шуга кај странски државјанин од Хрватска, кои престојувале во Република Северна Македонија, информираат од ИЈЗ.