Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) вчера извршил вкупно 524 контроли и 26 надзори во угостителски објекти во повеќе градови во државата. се проверувало како овие објектиги спроведуваат здравствени протоколи и пропишаното работно време.
Утврдени се неправилности во четири угостителски објекти, коишто ги прекршиле протоколите. Три од нив се во Скопје, а еден во Битола. За тоа инспекторатот ќе поднесе кривични пријави. Исто така, затекнати се два нерегистрирани објекти во Битола и Дебар, и еден објект во Скопје кој не го почитувал пропишаното работно време за што ќе се спроведе прекршочна постапка. Воедно изречени се две мерки за прекршок според Законот за угостителство на два угостителски објекти во Дебар и Скопје.
Поединечно по градови, во Скопје биле извршени седум надзори, 230 контроли, при што ДПИ изрекол три кривични пријави, една прекршочна пријава и една мерка едукација (прекршок по Закон за угостителска дејност). Во Битола ДПИ спровел два надзора, 15 контроли, и изрекол една кривична пријава, и затекнат еден нерегистриран објект. Во Дебар, биле извршени седум надзори, затекнат бил еден нерегистриран објект и била изречена една мерка за прекршок по Закон за угостителство.
Останатите надзори и контроли се спроведени во Прилеп, Делчево Кочани, Свети Николе, Струмица, Гевгелија, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга и Куманово, при што од страна на ДПИ не се констатирани прекршувања на протоколите.
Од кабинетот на вицепремиерот задолжен за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски најавуваат инспекциски контроли и во текот на викендот без ДДВ кои ќе се однесуваат на протоколите и цените.