Четири жени заболеле од рак на дојка неколку години откако примиле органи од ист донор, но станува збор за исклучително редок случај, истакнаа лекарите во објавената студија.
Жената на возраст од 53 години, чии органи се донирани, починала од мозочен удар во 2007 година, а четири пациентки ги добиле бубрезите, белите дробови, црниот дроб и срцето, и тоа по исцрпни тестирања. Тестовите извршени по смртта на донаторот не покажале никакви знаци на рак на дојка.
Сепак, од четрите пациентки, од кои сите Европејки, веќе три умреле од рак на дојка. Единствената останата пациентка во моментов се лекува од истата болест за да ги спречи метастазите на остатокот од телото. Трансплантираниот орган, бубрегот, бил отстранет по што била подложена на хемотерапија. Исто така, престанала да зема имуносупресивни лекови што треба да ги земат трансплантираните пациенти за да организмот не го отфрли новиот орган.
Еден од авторите на студијата кои се занимаваат со овој случај, д-р Фредерике Бемелман, професор по нефрологија на Универзитетот во Амстердам, ја лекувала преживеаната пациентка и вели дека отстранувањето на трансплантираниот орган било клучно.
Овој неверојатен случај покажува колку фатални може да бидат последиците од рак на дојка предизвикани од донирани органи и укажува на тоа дека отстранувањето на органот и регенерацијата на имунитетот може да доведат до комплетна ремисија, пишува во истражувањето.
Авторите на студијата, сепак, дополнително истакнаа дека таквите случаи се многу ретки и дека луѓето не треба да бидат загрижени дека донираните органи се небезбедни.
Д-р Бемелман вели дека ова е прв пат во нејзината 20-годишна кариера да се сретне со таков случај.
Секогаш има мал ризик. Дури и ако сте во процес на мали операции на жолчниот меур, има мали шанси дека нешто ќе тргне наопаку, вели д-р Бемелман.