Четири жртви на лавини во Норвешка

Четири лица, меѓу кои и странски турист, загинале во три одделни лавини во петокот на крајниот север на Норвешка, соопшти тамошната полиција.

Пет членови од група странски туристи биле зафатени од лавина во близина на Каврингтинден, врв на северот на Норвешка, а „еден од нив загина“, изјави на прес-конференција Мортен Петерсен од полицијата во градот Тромс и додаде дека се работи на идентификација на странскиот турист.

Други две лица ги загубиле животите малку подоцна во петокот, кога втората лавина се урнала врз куќа и штала на островот Реиноија, додаде Петерсен.

Четвртата жртва загинала во третата лавина која го погодила регионот Нордреис.

„Загинатото лице било во група на странски патници“, објави полицијата но ниту во овој случај не го наведува државјанството на странските туристи и жртвата.