Бурата Никол во петокот се придвижи северно, носејќи обилни дождови во делови на американските сојузни држави Џорџија и Каролина, оставајќи зад себе четири жртви и многу уништени и оштетени домови во крајбрежјето и оштетени хотели и апартмани со атлантскиот брег на Флорида.
Во округот Волуша локалните власи евакуирале 24 хотели и апартмани во крајбрежјето, откако доцна ноќта во четвртокот беше објавени дека објектите се нестабилни, со часови откако бурата налета по должината на брегот на Флорида како ураган од прва категорија.
Во местото Вилбур-бај-д-Си, јужно од Дејтона Бич, околу шест домови се урнале во морето додека другите 25 домови се прогласени несигурни и луѓето се евакуирани.
„Структуралната штета по должина на нашиот брег е невидена. Никогаш порано немаме искусено нешто слично…. Ќе биде ова долг пат до закрепнувањето“, изјави Џорџ Ректенвалд, челник на округот Волуша.
Плажите во населбата со околу 30.000 лица затрупани се со купишта бетон, дрвена градба и градежно железо, на местата каде некогаш стоеле големи домови со живописни погледи на океанот. Жителите во неверица ги гледале урнатините, пренесуваат медиумите.
Покрај двајца жители кои настрадале од струен удар во округот Оринџ, уште две лица ги загубиле животите во автомобилски несреќи во текот на бурата, пишува дневниот весник Orlando Sentinel.
Бурата со налети на ветрови со брзина од 120 километри на час, урнала далноводи во четвртокот, прекинувајќи го доводот на електрична енергија за повеќе од 300.000 домови други објекти. Околу 44,500 домови и објекти останале во петокот претпладнето без струја, извести порталот Poweroutages.us.
Налетот на бурата Никол предизвикал и уривање на делови од автопатот А1А, која се протега по должината на атлантскиот брег на округот Волуша, соопштија локалните власти.
Додека на Флорида започна расчистувањето, бурата Никол во петокот тргна северно кон централна и северна Џорџија откако ослаби и се претвори во тропска депресија со обилни дождови и удари на ветар од 56 километри на час. Се очекува дека ќе ослаби и ќе се претвори во пост тропски циклон кога ќе стаса на западот на Северна и Јужна Каролина подоцна во текот на денот. Бурата дополнително ќе ослаби во сабота, соопшти американскиот Национален центар за урагани.