Четиричлен екипаж со „SpaceX“ лансиран кон орбиталната станица

Вселенскиот брод „SpaceX“ со двајца американски астронаути, руски космонаут и астронаут од Емиратите е лансиран во четвртокот кон Меѓународната вселенска станица (ISS), откако лансирањето во понеделникот беше откажано во последен момент.

Леталото „SpaceX“ беше лансирано од Центарот Кенеди на американската Национална вселенска агенција NASA на Флорида во 00,34 часот по локално време, односно 6,34 по македонско време/

„#Crew6 е лансирана на 2-ри март во 00,34… во капсулата Dragon Endeavour @SpaceX“, објави NASA на Twitter.

Капсулата „Dragon“ со четири патници треба да се спои со орбиталната вселенска станица во 1,17 часот според времето на Флорида, односно малку повеќе од 24 часа патување. Во понеделникот лансирањето мораше да биде откажано во последен момент поради технички проблеми.

Астронаутите на ISS, лабораторија којашто кружи на околу 420 километри над Земјата, ќе останат околу шест месеци. Во тој период ќе спроведат околу 200 експерименти од истражување на растот на човечките клетки во Вселената до контролирањето на запаливи материи во микрогравитацијата.

Екипажот кој се нарекува „Crew-6“ го сочинуваат астронаутите на NASA, Стив Боувен и Ворен Хобург, космонаутот на руската агенција Роскосмос, Андреј Федјаев, и астронаутот од Обединетите Арапски Емирати, 41-годишниот Султан ал-Неџади, кој е вториот од Емиратите или четврти вкупно астронаут од некоја арапска земја во историјата, но е првиот кој ќе мине шест месеци во Вселената.

Екипажот „Crew-6“ ќе го замени екипажот „Crew-5“, кој го сочинуваат Русинка, двајца Американци и Јапонец, кој на орбиталната станица престојува од октомври 2022 година и треба да се врати на земјата неколку дена откако ќе биде извршени примопредавањето на мисијата.

На Меѓународната вселенска станица уште се и двајца Руси и еден Американец, па таму неколку дена ќе престојуваат вкупно 11 астронаути.

„Crew-6“ е шестиот екипаж лансиран кон орбиталната станица благодарејќи на вселенското летало коешто го разви компанијата „SpaceX“ на милијардерот Илон Маск. NASA ги плаќа услугите на оваа компанија за испраќање на астронаутите секои шест месеци кон станицата која постои повеќе од 22 години, во настојувањата да се ослободи од зависноста на руските ракети кои досега беа единствените коишто го изведуваа транспортот на екипажи и материјали за станицата.