![yogaaaa](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/04/yogaaaa.jpg?resize=545%2C363&ssl=1)
Во изминатиот месец, 40 бремени жени редовно ги посетуваат бесплатните часови по јога, кои почнувајќи од 1-ви март ги организира Министерството за здравство во соработка со Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Бремените жени се распоредени во две групи од по 20 жени, а часовите се одржуваат два пати неделно (понеделник и четврток – една група, вторник и петок – друга група) во периодот од 17 до 18 часот. Отворена е можноста за пријавување на заинтересирани жени и во зависност од интересот може да се формира и нова група за часови по јога.
Покрај инструкторот, на секој час е присутно и стручно медицинско лице (доктор-гинеколог). Од медицински аспект, овие вежби овозможуваат значајни бенефити за здравјето на бремените жени, како и за здравјето на децата. Јога-вежбите влијаат на подобрување на психофизичката состојба на мајката, ослободување од стресот, како и успорување на срцебиењето и намалување на крвниот притисок, кои вообичано се поизразени и поинтензивни во текот на бременоста.
Исто така, со практикување на овие вежби се зајакнува мускулатурата и се подобрува циркулацијата, што предизвикува намалување на отоците по телото кои вообичаено се појавуваат во текот на бременоста, а воедно вежбите поттикнуваат емотивен и физички баланс на телото на жената.