Четириесет тони отпад исчистени од депониите кај Теферич

Од утрово се чистат трите големи диви депонии во Теферич, во скопската општина Кисела Вода, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изврши увид во работата на сезонските работници ангажирани од општината и службите на ЈП Комунална Хигиена-Скопје, кои заедно работеа на отстранување на огромната количина на депониран смет.

Се чистеше и рачно и со механизација. Потоа, со камиони, на Дрисла се пренесени околу 40 тони отпад од секаков вид.

„Продолжуваме со интензивно чистење на депониите низ општината. Денес се работи на Теферич, локација каде е евидентно колку досега не се водело грижа за животната средина. Заедно со “Комунална Хигиена”, претпријатие во надлежност на Градот Скопје, излеговме во преземање на теренски активности со цел ефикасно да се справиме со непрописно одложениот отпад.  Сепак,  освен естетски, овој проблем има и друга, поголема димензија која го засега здравјето на луѓето и животната средина, во целост. Потсетувам дека интензивно работиме и на чистење на депонијата во Дупки, а ќе продолжиме со чистење и ремедијација на сите депонии на територија на општината. Се надевам дека на овој начин ќе ја оплемениме животната средина, но и ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните за потребата од соодветно одложување на отпадот“, рече градоначалникот на општина Кисела Вода“, Орце Ѓорѓиевски.

Покрај чистењето на депонијата во Теферич, сезонските работници денес работеа и во населбата Драчево, на потегот околу улицата „Коперникова”. Таму се собираше комунален отпад, се метеа и собираа паднатите лисја, со цистерна се миеја улиците, плочниците, тротоарите и паркинзите.