Во текот на саботата од Судан, африканската земја којашто е зафатена со граѓанскиот воен судир, беа евакуирани четири државјани на Македонија, а евакуацијата е реализирана со помош на Саудиска Арабија.
Евакуираните македонски граѓани во моментов се наоѓаат во пристанишниот саудиски град Џеда, а македонската амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со тамошните власти, во насока на нивно враќање во татковината. Досега се евакуаирани вкупно 4.879 лица, од кои 139 се Саудијци, а другите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД, а од балканскиот регион освен од Македонија, се и Грција и Босна и Херцеговина.
Министерството за надворешни работи додава дека со внимание го следат развојот на ситуацијата во Судан и се во комуникација со државите кои имаат свои дипломатски конзуларни претставништва во земјата.
„Во оваа прилика апелираме доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса [email protected], Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на следниот телефонски број +201033615542 и е-мејл адреса [email protected], како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и следната е-мејл адреса [email protected]“, објавија од министерството.