Судскиот совет на Специјалниот суд на Србија на повторното судење ги прогласи за виновни поранешните членови на Службата за државна безбедност (СДБ) Радомир Марковиќ, Милан Радоњиќ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак за убиството на новинарот и издавач Славко Чурувија. Судот ги осуди Радомир Марковиќ и Милан Радоњиќ на 30 години затвор, а Ратко Ромиќ и Мирослав Курак на 20 години затвор.
Во претходната пресуда, што Апелацискиот суд ја укина и ја врати на повторно судење, на 30 години затвор беше осуден поранешниот началник на СДБ Марковиќ, како и поранешниот шеф на белградскиот центар на СДБ Радоњиќ, а на по 20 години беа осудени Ромиќ и Курак, кој се уште е во бегство.
Обвинителот Миленко Мандиќ на повторното судење побара казна од по 40 години и посочи дека Чурувија бил патриот кој јавно кажал дека тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ е одговорен за цивилизациската пропаст на Србија.
Одбраната побара обвинетите да бидат ослободени, тврдејќи дека постапката е поведена за да се обвини Слободан Милошевиќ за сите лоши работи што се случиле во 90-тите години од минатиот век.
Чурувија е убиен на 11 април 1999 година, за време на НАТО бомбардирањето, според обвинението- „по наредба на Н.Н. лица од највисоките структури на власта”.
Тоа е направено „од ниски побуди, поради неговиот јавен настап во земјата и странство и критиките кон носителите на политичката власт”, и „за да се зачува постојната структура на власта”.