Четворица поранешни претседатели на САД ја испратија Барбара Буш

Повеќе од илјада луѓе, меѓу кои и четворица поранешни американски претседатели, присуствуваа во саботата во Хјустон на погребот на Барбара Буш, поранешната прва дама на САД која почина во вторникот на возраст од 92 години.

Барабара Буш беше сопруга на 93-годишниот Џорџ Х.В. Буш, кој беше републикански претседател во периодот од 1989 до 1993 година со кој имаа пет деца, меѓу кои и 71-годишниот Џорџ В. Буш, исто така републикански претседател од 2001 до 2009 година, а зад себе остави седумнаесет внуци и седум правнуци.

На црковниот обред во црквата на свети Мартин во Хјустон, кој директно беше телевизиски пренесуван, присуствуваа и две поранешни демократски претседателски двојки, Барак и Мишел Обама, како и Бил и Хилари Клинтон.

На церемонијата присуствуваше и сегашната прва дама Меланија Трамп, којашто го претставуваше актуелното републиканско претседателски семејство. Белата куќа извести дека претседателот Доналд Трамп не дошол на погребот во знак на почитување кон семејството Буш, сакајќи да ги поштеди од можната збрка којашто би ја предизвикале дополнителните безбедносни мерки,.

Барбара Буш е погребана во семејната гробница, којашто се наоѓа во рамките на Претседателската библиотека на нејзиниот сопруг во Колеџ Стејшн, на околу 140 километри оддалечен од Хјустон.