Четворица повредени во сообраќајка на Стража

Дваесет и седумгодишен тетовец е потешко повреден и пренесен на скопските клиники, а уште три други лица се здобиле со повреди во сообраќајна несреќа што се случи во неделата попладнето на патот Гостивар – Кичево, во близина на превојот Стража.

Според СВР Тетово, сообраќајката се случила околу 18 часот кога дошло до судир на автомобил „опел астра“ со тетовски регистерски ознаки, што ја управувал 27-годишниот К.С.  од Тетово и џип „киа“ со скопски ознаки што го упраувал 54-годишниот С.П.

Повредените од несреќата биле пренесени во гостиварската општа болница, а заради тежината на повредите возачот на опелот бил пренесен на скопските клиники. На останатите три лица им се вршат прегледи и им се утврдува видот и тежината на повредите во гостиварската општа болница.

По кусиот прекин на сообраќајот на овој правец, возилата се пропуштаат наизменично поради увидот што е во тек.