Четврта европска титула за ракометарите на Магдебург

Ракометарите на германски Магдебург го совладаа полски Кјелце по продолжението со 30:29 (13:15, 26:26) во финалето на завршниот турнир од ракометната Лига на шампионите одигран во Келн, со што ја освоија титулата најдобар тим во Европа четврти пат во нивната историја.

Откако во полуфиналето изненадувачки го совладаа бранителот на титулата Барселона, ракометарите на Магдебург во финалето со пресврт победија против Кјелце, кој лани исто така беше поразен во дуелот за трофејот во Лигата на шампионите.

Откако Магдебург го отвори натпреварот со водство од 4:1, Кјелце многу брзо фати приклучок, па до крајот на првото полувреме имаше два гола предност (15:13). Полјаците, за кои настапуваа и поранешните „вардарци“ Игор Карачиќ и Алекс Дујшебае, во второто полувреме во неколку наврати имаа и три гола предност, а последен пат ја постигнаа во 46 минута (22:19).

Сепак, со помош на одличниот голман Никола Портнер, кој се разбрани во вториот дел, германскиот тим го сврте резултатот и поведе со 25:24 во 56 минута. Со два гола во низа Кјелце повторно поведе (26:25), а Дамгард Нилсен го одведе натпреварот во продолжение. Полјаците имаа половина минута за последниот напад, но ниту еден од браќата Дујшебаев не успеа да го совлада Портнер.

Во продолжението Магдебург ниеднаш не беше принуден да брка заостанување, а Германците успеаја да се одбранат во последниот напад, кога Полјаците можеа да се изборат победникот да биде решен со ударите од седум метри.

Стрелците на победничката екипа ги предводеше Каи Смитс со осум гола, а Микаел Дамгард Нилсен и Гисли Кристјансон постигнаа по шест. Никола Портнер го заврши дуелот со осум одбрани.

Алекс Дујшебаев постигна осум гола за Кјелце, а Дилан Нахи и Аркадиуш Морито по пет пати ја погодија мрежата. Игор Карачиќ не успеа да постигне гол во два обида. Андреас Волф впиша 15 одбрани, но тоа не му го донесе трофејот на неговиот тим.

Ова беше четврто финале за Магдебург во елитното европско натпреварување и по четврти пат излезе како победник, како во 1978, 1981 и 2002 година. Со четири титули, Магдебург се израмни на лидерската табла со Кил на третото место. Барселона е пред сите со 11 титули, а Гумерзбах има пет, но последната е освоена во далечната 1983 година. Кјелце третпат играше о финалето, а титулата освоена во 2016 година остана најголемиот успех во клупската историја.