Целодневна агенда ќе ги исполнува шесте денови на четвртото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week), која ќе се случува од 23. до 28. септември во Куршумли-ан, во скопската Стара чаршија. Со мото „Четврта смена“ програмата е составена од активности кои ќе почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта.
По отворањето на 23. септември, во 20 часот, во наредните пет дена ќе следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации, основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, Експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „Body, mind and spirit“, промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје. Земја во фокус оваа година е Франција.
Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи на 24 и 25 септември. Иницијатори на платформата, чија цел ќе биде да се дефинира идентитетот на балканскиот дизајн и со заеднички сили и креации да се настапи на светскиот пазар, се организациите „Јавна соба“ од Македонија, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и најетаблираната дизајн-платформа во регионот „Миксер“ од Белград. Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето ќе се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесно поврзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајн-сцената во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.