На бразилскиот претседател Жаир Болсонаро во неделата по пет часа успешно му е оперирана вентралната кила, последица од претходните операции на кои беше подложен по нападот со нож во текот на кампањата за претседателските избори пред една година, соопштија од неговиот кабинет.
Ова за Болсонаро, кој во болницата во Сао Паоло беше примен во саботата ноќта, беше четвртата операција. Зафатот траел повеќе од пет часа и бил завршен околу 17,40 часот по средноевропско време, изјавил хирургот Антонио Луиз Македо во соопштение, додавајќи дека „постапката беше успешна“.
„Претседателот веќе имаше три големи операции од кои последната беше абдоминална реконструкција, па тој дел е чувствителен“, изјавил претходно Македо за информативната мрежа Globo 1.
Бразилскиот претседател поради операцијата го откажа присуството на самитот на челниците на амазонските земји кој во петокот и саботата се одржуваше во Колумбија на темата носење мерки за подобра заштита на тропските шуми во светот.