Четвртиот британски министер за финансии во 2022-ра верува дека ќе ги смири инвеститорите

Новиот британски министер за финансии Џереми Хант во неделата изјави дека на инвеститорите ќе им покаже дека ќе ги унапреди јавните финансии на земјата, откако одлуките кои му се припишуваат на неговиот претходник на должноста Кваси Квартенг во владата на премиерката Лиз Трас предизвикала пад на пазарите на акции и на обврзниците.

„Ниедна влада не може да ги контролира пазарите. Ниеден министер за финансии тоа не би требало да го прави. Можеме да сториме една работа, а тоа ќе го правам и јас – ќе му покажувам на пазарот, на светот, на луѓето кои следат од дома, дека можеме да одговараме за секое пени на нашите даночни планови и буџети“, изјави Хант за BBC, кој е четвртиот на оваа функција годинава.

Инвеститорите од 23-ти септември масовно ги распродаваат британските државни обврзници, па приносите на петгодишните државни обврзници се искачија на нивото од 2008 година на 4,6 отсто, што значи намалување на нивната побарувачка, а фунтата притоа остро падна и го достигна историски најниското ниво од 1,054 долари за фунта, откако Квартенг најави низа даночни кастрења без покритие.

Трас стана премиерка пред само еден месец, победувајќи на изборите за челник на владејачката Конзервативна партија со ветувањата за намалување на даноците, вклучително и корпоративните, а Квартенг го смени во петокот и се откажа од повеќето програми кои ги договори со него.

Хант уште првиот ден на должноста најави дека ќе оди уште понатаму, со зголемува на даноците и поголема контрола на јавните финансии. Запрашан во неделата дали финансиските пазари ќе стекнат доверба во него, за BBC одговори дека за оние кои работат на пазарот „делата говорат повеќе од зборовите“.