Александар Чичаковски, поранешниот претседател на ДИК е избран за судија во Управниот суд.
За Чичаковски гласаа 11 членови на Судскиот совет. Дел од членовите рекоа дека Чичаковски ,,покажал квалитети кога претседавал со ДИК“ и очекуваат тој одговорно да ја извршува и новата функција.
Пред изборот, членот на Советот Виолета Богојеска рече дека треба да се изберат судии кои веќе работат во Управниот суд. Досега во овој Суд се избираа лица без никакво искуство, а со новиот закон Управниот суд ќе треба да води и судски расправи.
-Како ќе водат расправа кога не знаат како изгледа едно судење“, рече Богојески. За две места во Управниот суд беа пријавени 31 кандидат.
Чичаковски заедно со останатите членови во ДИК поднесоа оставки откако во јавноста беше објавено дека на затворена седница си поделиле високи бонуси.
Ова е последниот избор за судии во Управниот суд по стариот Закон затоа што огласот беше објавен пред 25 мај кога стапи на сила новиот Закон. Со новиот Закон ќе се бираат со завршена академија на судии.
Освен Чичаковски, членовите на Советот ја избраа Елеонора Ајро за судија во Управниот суд.
Судскиот совет претходно избра претседатели на десетина основни судови во државата. На нивно место повеќе месеци имаше в.д. претседатели.