Бројот на загинати во разорните пожари што го зафатија чилеанскиот туристички регион Валпараисо продолжува да расте, со вкупно 131 загинат во вторникот, со многу исчезнати и луѓе кои останаа без домовите.
Во Чиле се одбележува вториот, последен национален ден на жалост за жртвите од пожарот, а државните служби објавија дека вкупно загинале најмалку 131 лице, наспроти 123 ден претходно. Сепак, досега успешно се идентификувани само 35 жртви.
Чилеанскиот претседател Габриел Борич ги нарече пожарите „најголемата трагедија“ што ја погоди земјата од земјотресот и цунамито во 2010 година, кои однесоа повеќе од 500 животи.
Уште девет пожари се активни во шумските области на погодениот регион, но тие се ставени под контрола и повеќе не ги загрозуваат населените области, изјави за агенцијата AFP официјален претставник од Валпараисо. Пожарникарите тврдат дека пожарот би можел да биде изгаснат за една седмица.
Меѓутоа, поради летото на јужната хемисфера и високите температури, уште 165 пожари горат во десет региони на Чиле.
Папата Франциск, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, САД, ЕУ, Франција, Шпанија и Мексико ја изразија својата солидарност и понудија помош за јужноамериканската земја.
Топлотниот бран што го зафати централниот и јужниот дел на Чиле, последица на метеоролошкиот феномен Ел Нињо, го зафати целиот југ на континентот, предизвикувајќи големи пожари и во Аргентина.
На југот на Патагонија, во аргентинската провинција Чубут, пожарот опустоши околу 6.000 хектари шума. Аргентинските пожарникари исто така се борат со уште еден пожар во важен природен резерват во соседната провинција Рио Негро.