Чиле е првиот финалист на Копа Америка

Репрезентацијата на Чиле е првиот финалист на Копа Америка откако во полуфиналната пресметка домаќинот беше подобар од Перу победувајќи со 2:1, на мечот кој го одбележа Едуард Варгас со два ефектни погодоци.

Се чини еден од клучните моменти на дуелот беше во 20-та минута кога фудбалерот на Перу, Замбрано, поради остар старт, доби директен црвен картон што значително им ја олесна задачата на фудбалерите на Чиле.

Првиот гол Варгас го постигна во 42-та минута од средбата, Перу израмни во 60-та минута со автоголот на Медел, но нивната радост не траеше долго со оглед на тоа што Варгас со вистински еврогол од 25 метри донесе триумф за пласман во финалето.