Чиле најавува национализација на индустријата на литиумот

Чилеанскиот претседател Габриел Борич најави во четвртокот национализација на индустријата за литиум со цел да ја заживее економијата на земјата и да ја заштити нејзината животна средина, пренесува Reuters, истакнувајќи дека Чиле е вториот по големина производител на овој метал кој е од суштинско значење за батериите во електричните автомобили. .

Овој шокирачки потег во земјата со најголеми резерви на литиум во светот ќе доведе до преминување на контролата врз работењето со благородниот метал од индустриските гиганти SQM и „Albemarle“ на одделни државни компании.

Тоа е најновиот предизвик за производителите на електрични возила (EV) кои се борат да обезбедат материјали за батерии, додека повеќе земји носат прописи во насока да ги заштитат своите природни ресурси.

Мексико ги национализираше резервите на литиум минатата година, а Индонезија уште во 2020 година го забрани извозот на никелова руда, исто така, клучен материјал за батериите на електричните возила.

„Ова е можност за економски раст (…) ова е најдобрата можност што ја имаме за транзиција кон одржлива и развиена економија. Не можеме да си дозволиме да ја пропуштиме“, рече Борич и порача дека во иднина ќе се склучуваат договори како јавно-приватно партнерство со државна контрола.

Владата нема да ги раскине досегашните договори, но се надева дека компаниите ќе бидат отворени за државно учество и пред да истечат. Договорот на SQM истекува во 2030 година, а на „Albemarle“ во 2043 година. Двете компании ги снабдуваат „Tesla“, „LG Energy Solutions“ и други производители на електрични возила и батерии.

Борич ќе започне дијалог со заедниците и парламентарците за основање компанија за литиум што би била во целосна сопственост на државата и ќе побара поддршка од Конгресот во втората половина на годината. Чилеанскиот претседател тврди дека сака да го заштити биодиверзитетот и да ги сподели придобивките од рударството со домородните народи и околните заедници.