Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи тридневна жалост во оваа јужноамериканска земја откако 74-годишниот поранешен претседател Себастијан Пињера загина во хеликоптерска несреќа во вторникот.
„Наредив да биде испратен со сите државни почести на погребот и прогласив тридневна жалост во спомен на претседателот кој служеше два мандата“, рече Борич во јавното обраќање во оваа земја со 19 милиони жители.
Економистот Пињера беше богат бизнисмен и конзервативен претседател на Чиле од 2010 до 2014 година и повторно од 2018 до 2022 година.
Хеликоптерот со четири лица полетал околу 15,30 часот по локално време од областа на градот Лаго Ранко на југот на земјата и паднал по неколку минути на брегот на езерото, соопшти Управата за цивилна авијација (DGAC). Останатите три лица го преживеале падот, извести спасувачката служба по пристигнувањето на местото на несреќата.
Пињера, кој загина во падот, летал на деловен ручек со пријателот и претприемач Хозе Кокс.
Причината за несреќата сѐ уште е под истрага. Областа каде што се урна хеликоптерот во вторникот беше погодена од силен дожд. Полицијата и пожарникарите и натаму го истражуваат местото на настанот.
Претседателите на јужноамериканските земји како Аргентина, Бразил, Боливија, Перу и Колумбија беа меѓу првите кои упатија сочувство до семејството и Чиле.
„Во име на Европската унија, сакам да изразам длабоко сочувство до семејството, пријателите и народот и владата на Чиле“, напиша шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, на социјалната мрежа Х.
Времето на погребот сѐ уште не е одредено. Некои жители дојдоа пред куќата на Пињера, закачија чилеанско знаме на оградата, положија цвеќе и запалија свеќи.