Во неделата Чилеанците го отфрлија новиот конзервативен текст на Уставот кој требаше да го замени оној од периодот на диктатурата на Аугусто Пиноче.
По пребројувањето на 99,65 отсто од гласовите, вкупно 55,76 отсто од Чилеанците го отфрлиле новиот текст, додека за него гласале 44,24 отсто.
Тоа е втор нацрт-устав што чилеанските гласачи го отфрлија како замена за сегашниот устав. Процесот на промена на Уставот започна по големите протести против нееднаквоста што ја зафатија земјата во 2019 година.
„Земјата стана поларизирана, поделена“, изјави претседателот Габриел Борич во телевизиско обраќање, повторувајќи дека неговата влада нема да подготви трет нацрт, туку ќе продолжи со пензиските и даночните реформи преку законодавство.
„Граѓаните бараат подобра можност за дијалог, консензус, меѓутоа, пред сѐ, дејствување“, рече Борич.
Многу Чилеанци изразија недоверба и разочарување во процесот на промена на Уставот по долгогодишна поларизација и политички борби.
Во септември минатата година, гласачите го отфрлија првиот нацрт-уставни амандмани изготвен од парламентот составен претежно од претставници на левичарските партии, кои се фокусираа на социјалните права, правата на домородното население, животната средина и родовите права.
Во меѓувреме, електоратот се сврте надесно, а вториот нацрт на уставните амандмани го подготви парламент во кој доминираа конзервативните партии. Текстот се сметаше за поконзервативен и попогоден за пазарот од уставот од 1980 година. Во неговиот центар беа правото на приватна сопственост и строгите правила за имиграцијата и абортусот.
„Конечно, по четири години интензивни дискусии и разговори за Уставот, ние сме на истото место“, изјави политичкиот аналитичар Кенет Бункер, додавајќи дека смета оти разговорите нема да запрат и оти очекува прашањето за Уставот да стане клучно на следните претседателски избори.