Новинарот Цветин Чилиманов на денешната собраниска комисија за труд и социјална политика каде се разгледуваат националната стратегија и акцискиот план за странци и бегалци истакна дека овие нејасни документи испраќаат сигнали дека Македонија ја менува својата политика и оти тоа будно го следат засегнатите страни, односно земјите од Западна Европа и регионот.
Споредувајќи ја мигрантската криза во Косово и оваа од Блискиот исток, Чилиманов посочи дека на мигрантите и бегалците треба да им се даде привремено сместување и грижа, а не трајно вдомување. Потенцираше дека тоа треба да го прават земјите од Блискиот исток каде нема воени конфликти.
„Не ми е јасно зошто денеска зборуваме за примање на мигранти и бегалци кога ситуацијата на Блискиот исток е стишена и терористичката организација Исламска држава е поразена“, посочи Чилиманов.
Новинарот појасни дека во Македонија влегуваат луѓе кои претходно биле во Турција, па во Грција, земји кои се безбедни, што всушност ги прави мигранти, а не бегалци.
Според него, многу поразвиените земји, како Шведска, Франција, Велика Британија имаат проблем со интеграција на мигрантите.
„Не знам што Македонија може да им понуди на нив, освен државјанство, кои тие можат да го искористат за полесно да патуваат кон Западна Европа“, истакна Чилиманов.
Апелираше прво да се решат проблемите на граѓаните на Република Македонија, а дури потоа да се види кому можеме да му помогнеме.