Висината на месечен додаток кај најангажираните службеници може да се зголеми до 30 отсто, а исплатата ќе се реализира по локалните избори, појасни Владата, по реакцијата на јавноста дека уредбата за исплата на додаток на плата за дел од вработените од централните институции на извршната власт е поткуп на гласачи.
Владата тврди дека за повисоките месечни додатоци на плата за дел од службениците нема да има дополнителни трошоци, бидејќи ќе се исплаќаат само ако парите веќе се испланирани во постоечките буџети на институциите, што произлегува и ода измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година.
„Во уредбата се наведува дека додатокот на плата може да се исплаќа и во помал износ од 30 отсто, во зависност од обезбедените средства во буџетскиот корисник. Тоа значи дека исплатата на додатокот на плата и неговата висина е во зависност од фискалниот простор и слободните средства кои му стојат на располагање на буџетскиот корисник“, се вели во појаснувањето на Владата.
Согласно Уредбата, правото на додаток на плата до 30 отсто од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности.
Додаток на плата можат да добијат најмногу 30 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон и/или колективен договор.
Владата информира и дека досега не се исплатени додатоците предвидени со Уредбата донесена на 5 август.
Донесувањето на уредбата со која владата на одделна категорија државни службеници за посебен ангажман ќе им исплаќа повисоки месечни додатоци на плата предизвика реакција од партиите и јавноста кои ова го окарактеризираа како предизборен поткуп и награда за одделна категорија привилегирани службеници.