Јужнокорејскиот технолошки гигант „Samsung Electronics“ во петокот процени дека неговата оперативна добивка во вториот квартал е 15 пати поголема отколку во истиот период минатата 2023 година, во услови на бум на вештачката интелигенција и скок на цените на полупроводниците.
Во периодот од април до јуни, оперативниот профит ќе изнесува 10,4 трилиони вони (6,96 милијарди евра), пресмета најголемиот светски производител на мемориски чипови, паметни телефони и телевизори. Во пролетта 2023 година, тој изнесуваше 670 милијарди вони.
Приходите најверојатно се зголемени за 23 отсто на 74 трилиони вони, објави „Samsung Electronics“. Целосниот деловен извештај ќе биде објавен на крајот на месецот.
Резултатите на „Samsung Electronics“ беа поттикнати од бранот побарувачка за софистицирани DRAM чипови, велат аналитичарите, истакнувајќи ги чиповите за меморија со висок пропусен опсег (HBM) што се користат во комплетите за вештачка интелигенција и NAN DRAM чиповите за серверите во центрите за податоци и уредите опремени за услуги базирани на вештачка интелигенција.
Цените на DRAM чиповите скокнаа во вториот квартал од 13 на 18 отсто во однос на почетокот на годината, а цените на NAND флеш чиповите за 15 до 20 отсто, покажуваат податоците на истражувачката компанија „TrendForce“.
Покрај повисоките цени на полупроводниците, профитот на „Samsung Electronics“ најверојатно бил зголемен и со промената на отпишувањето на книговодствената вредност на неговиот залихи на чипови, шпекулираат тие.
Во деловниот извештај за првиот квартал компанијата посочи дека очекува уште една добра година и покрај осцилациите предизвикани од „макротрендовите“ и геополитичките проблеми.
„Очекуваме силна побарувачка за персонални компјутери и мобилни уреди благодарение на трендот на инкорпорирање на вештачката интелигенција“, истакнаа од „Samsung Electronics“.