Чистките на координативното тело за реформи на високото образование

Падот на едноумието и отпочнувањето на демократските процеси во нашата држава практично започнаа после осамостојувањето. Секако реликти на поранешниот репресивен систем постоеја и се провлекуваа и во годините по остварувањето на вековниот сон на нашите историски личности и легендите на ВМРО. Но, со тек на време тие остатоци од поранешниот социјалистички систем, (кога се знаеше како постоеше и влијанието на комунистикчата партија и кај дел од кадрите во универзитетите кои со леснотија си напредуваа), исчезнуваа како темна магла. Со тоа бев убеден дека исчезнаа и чистките, кои се правеа по налог на тајната полиција. Бев убеден дека исчезнаа и нарачаните случаи и ликвидации во координација на одредени центри. Ама, дека денес во месец ноември 2024 година, лично ќе слушнам како низ демократскиот етер се зборува за ЧИСТКИ во образованието наместо координација на РЕФОРМИ, не сум очекувал, ниту сум бил свесен дека можно е такво нешто.

(Видеоинтервју на проф. Грчева: „Реформите во високото образование се болни и суштински решени сме да почнеме со ЧИСТЕЊЕ“ Слободен печат 15.11.2024)

Драги читатели,

Реформата на високото образование е сложен процес кој подразбира инклузија на бројни субјекти и фактори кои со чиста намера и со добра волја имаат за цел да помогнат да се подобрат состојбите во високото образование. Точно е дека за реформа на високото образование е потребна КООРДИНАЦИЈА на највисоко ниво. Затоа ја поздравувам одлуката на Министерството за образование и наука и почитуваниот премиер за подигнување на институционалниот дизајн за реформа на високото образование. За прв пат, Владата предводена од Премиерот Христијан Мицкоски, на дело со конкретни активности покажува интерес да се вложува во реформа на високото образование. Оваа реформа е двонасочна улица, кога ќе се тргне по реформскиот пат, ќе се сретнат и бројни други патници и помеѓу нив потребно е да има координација и усогласување на ставовите, дебати и хармонизација. Но, никако ЧИСТКИ како што промовираат поединци кои со тоа сакаат да му нанесат директна штета на овој значаен владин реформски процес. РЕФОРМАТА не значи ЧИСТКА! Тоа беше можно во едноумието каде и граделе поголем дел од својата кариера поединци и сега сметаат дека довербата која им е дадена може да значи и слобода да се пренесуваат пораки кои во превод би значеле – упад во високото образование! Сме гледале многу упади во минатото и видовме како завршија тие заканувачки процеси.

Драги читатели,

Што значи РЕФОРМА на високото образование во нашето општество?

Секако дека тоа е процес кој има неколку аспекти:

1. Нормативен односно регулаторен аспект, кој подразбира анализа на целокупната законска и подзаконска регулатива за високото образование, детектирање проблематични и невралгични точки, елиминирање на точки од таа регулатива кои не може да се применат или кои не се во функција да се унапредуваат состојбите во високото образование;

2. Институционален аспект, кој подразбира освежување на регистарот на сите институции кои се вклучени во високото образование (универзитети, факултети, Државен просветен инспекторат (ДПИ), Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО) и нивните Одбори за акредитација и евалуација, Националниот совет за високо образование и технолошки развој и др.) и проценка на нивната функционалност, нивно дигитално поврзување и контрола и

3. Развојно-координативен аспект, кој треба на стратешко ниво да биде основата за менаџирање на состојбите и навистина нивно подобрување.

Со овие компоненти, верувам дека нема да има потреба од ЧИСТКИ, затоа што сите оние на кои во главата им се врти овој збор може да наштетат на овој значаен владин процес. Тоа се реликти од минатото и треба да се надминат. Самата помисла на споменување на овој збор во суштина може да значи дека секоја активност на КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО може да биде обвинета за баш за реваншизам и пресметка, иако има и оправдување дека не се сака да се заплашуваат високообразовните институции. Но, штом веќе еднаш сте употребиле таква терминологија, никој не може да гарантира дека тоа е и ваша скриена цел да се пресметате заради други интереси. Сомневањето значи дека постоиш, затоа имам реална основа да се сомневам во оваа опасност и штета што може да ја предизвика.

Драги читатели,

Во времето на чистките во минатото се случуваа најтемните настани за кои историјата пишува. Затоа, наместо чистки, потребно е да се почне со анализа, препораки, редовни и вонредни надзори и сето тоа во контекст на владеењето на правото, а не на личната желба или анимозитет на поединци.

Еве за почеток, предлагам да се провери дали по допрен глас (моја колумна) Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор за следните случаи (и да се поведе одговорност зошто не е постапено):

1. Универзитетот за информатички науки и технологии Свети Апостол Павле Охрид (УИНТ) има 5 (пет) факултети и согласно член 61 став 4 од Законот за високо образование (ЗВО) секој факултет треба да има по 10 редовно вработени наставници-професори, односно за сите 5 (пет) факултети, треба да има 50 наставници. На Универзитетот во Охрид има само 16 вработени наставници со наставно-научни звања, 1 (еден) асистент и 1 (еден) лектор за сите 5 (пет) факултети. Менаџментот (ректорот Иван Бимбилоски и Нинослав Марина) си се менуваат за ректори дванаесет години на овој т.н. универзитет и си имаат своја лична развојна стратегија. Пропаст на оваа „научна институција“. Образовен криминал. За сето ова запозната е министерката Весна Јаневска. Зошто молк? На потег се надлежните институции!

2. Втор пример: Иста или слична е состојбата и на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Има факултети со несоодветен наставен кадар, политички поставен, не е направена никаква ревизија, ниту од Одборот за акредитација ниту од Одборот за евалуација.

3. Трет пример: Иста е состојбата и на Универзитетот Тетово во Тетово (УТ)… Доволен показател се реакциите од страна на вработени професори на Универзитетот во Тетово (УТ), кои во писмена форма ме известуваат по однос на состојбите на овој универзитет. Тие го поставуваат прашањето: Во чија полза е оваа летаргија на нашиот народен универзитет? Немањето реализација на развојна стратегија на Универзитетот. А, тоа е од активностите на менаџментот (ректор, проректори, декани…) кои се занимаваат сами со себе и нивните семејни и клановски опкружувања…

4. Со кој  наставен кадар располага Универзитетот ВИЗИОН во Гостивар и со каква леснотија ги добива акредитациите и бројните студиски програми? Се’ што имаат побарано за акредитација, за се имаат добиено решение (имаат дури и за медицинска област слично како и кај струшкиот универзитет на Мерко, но во ВИЗИОН никој не смее да ги провери овие факти). Ова е дно-дна што предизвикува револт.

5. Петти пример: Добиен допис на мејл со запознавање што се случувало на јавните високообразовни институции во Македонија, која била општа појава, па следува: 

„Ви пишувам писмо, до Вас, и до целокупната јавност за настан кој е поврзан со студирањето на спец. д-р Башким Шабани од Клиниката за урологија во Скопје. Станува збор за личност која има дипломирано на Медицинскии факултет при УКИМ-Скопје, и е доктор по медицина, специјалист на Клиниката за урологија и доктор на медицински науки. Значи, станува збор за личност која успешно ги завршил сите степени на студирање, од факултет, специјализација и докторат. Но, еве д-р Шабани Башким нема просек од додипломски студии на Медицински факултет во Скопје и тоа му е веројатно проблем за да биде избран за наставно-научно звање доцент и да стане професор! За да ја анулира таа спреченост, д-р Башким Шабани повторно се запишува на Медицински факултет во Штип и сега таму студира на начин на кој испитите со високите оценки му се признаени и си дополага само таму кај што има слаби оценки и го подобрува просекот. Но, токму тој упис е незаконски, бидејќи никаде не постои правна норма која дозволува дипломиран доктор на медицина пак да дипломира и пак да добие диплома за доктор на медицина. Тоа е срамно и недозволиво. Како е можно на еден државен универзитет во Македонија да се дозволи таков скандал? Која е таа правна служба или декан кој го одобрил тоа? Колку чини една ваква екскурзија? Верувам дека не сте слушнале за ваков случај! …Има информации дека на државните универзитети врие од нерегуларности… За настанатиот случај ми потврдија од правната служба на универзитетот во Штип. 

ПРЕПОРАКА: наместо ЧИСТКИ!

Бидете креативни и иновативни, наспроти закани и гостувања на ТВ заради лична промоција. Имајте стратегија и убедете ја јавноста во исправноста на вашите одлуки и намери. Никогаш лошото не донело добро. Преку јакнење на високото образование, чувајте ја МАКЕДОНИЈА!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес