Член на Комисијата за помилување држела функција и во ФФМ

Арлинда Кадри Шахиновиќ, член на Комисијата за помилување, која ја тресе голем скандал во изминативе неколку дена, била ангажирана и во Фудбалската федерација на Македонија.

НетПрес дознава, дека Кадри Шахиновиќ, своевремено, добила ангажман во ФФМ наводно лично од претседателот Муамед Сејдини. Според засега непотврдени информации, нејзиниот хонорар изнесувал 30.000 денари месечно. Нашите извори велат дека Арлинда Кадри Шахиновиќне била изгласана на Управен одбор на ФФМ, туку Сејдини тоа го направил со одлука на Комитетот за итност. Таа ја извршувала функцијата Претседавач на Комисијата за жалби во ФФМ.

Во исто време, додека имала ангажман во ФФМ, Арлинда Кадри Шахиновиќ била избрана и за професор на приватниот МИТ Универзитет.

Претходно, пак, Арлинда Кадри Шахиновиќ предавала на Факултетот за правни и политички науки на ФОН.

Инаку, денеска на својот профил на Фејсбук, Гордан Калајџиев, кој беше претседател на Комисијата за помилување, објави дека тој и сите членови поднеле колективна оставка.

Во изминативе денови голем скандал се случи со Комисијата за помилување, која донесе одлука да биде помилувано лице, припадник на нарко кланот „Барон“ од скопско Арачиново.