Челниците на државите членки на Европската унија почнаа попладнето во неделата да го осудуваат насилството во Каталонија, каде што шпанската полиција со сила настојува да го спречи референдумот за независност на оваа шпанска покраина, додека европските институции сѐ уште не се изјаснуваат.
Белгискиот премиер Шарл Мишел првиот го проби европскиот молк. „Насилството никогаш не може да биде одговор. Ги осудуваме сите форми на насилство и го потврдуваме нашиот повик на дијалог“, порача преку Twitter Мишел.
По Мишел се огласи и словенечкиот премиер Миро Церар со пораката: „Загрижен сум поради ситуацијата. Повикувам на политички дијалог, владеење на правото и мирно решение“.
Претставникот на Каталонија при ЕУ, Амадеу Алтафај, инаку поранешен портпарол на Европската комисија и заменик шеф на кабинетот на поранешниот еврокомесар Оли Рен, му се заблагодари на Мишел што го проби ѕидот на молчење и ги повика претседателот и потпретседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и Франс Тимерманс да „интервенираат и да ги заштитат каталонските граѓани во ЕУ“.
Европската комисија изминатите денови одбиваше да се изјасни за ова прашање, истакнувајќи дека треба да се придружува до законите, со што всушност застана на страната на Мадрид кој не ја признава законитоста на референдумот, бидејќи тој според сегашниот шпански устав би требало да се спроведе на целата територија на Шпанија. Референдумот од поодамна незаконски го прогласи и шпанскиот уставен суд.
На насилствата во Каталонија реагираа и други политички челници во Белгија. Потпретседателот на белгиската влада, член на најсилната фламанска партија Нов фламански сојуз (NVA), Јан Јамбон, го „осуди насилството кое е неприфатливо во демократскиот процес“.
Потпретседателот на франкофонската Социјалистичка партија (PS) Елио де Рупио, истакна дека „ништо не го оправдува насилството во ЕУ, кој и што да мисли за каталонскиот референдум“.