Белгиската министерка за здравство Маги Де Блок ги критикуваше во петокот Германија и Франција, бидејќи воведоа ограничување на извозот на заштитна опрема во Европската унија потребна за справување со епидемијата на коронавирусот.
Членките на ЕУ беа повикани да ја споделат својата заштитна опрема со тешко погодените земји, како што е Италија.
Двете споменати земји членки се против испраќањето на опремата, рече Де Блок во пресрет на вонредниот состанок за коронавирусот со колегите ор ЕУ.
„Тоа не е во духот на Европската унија“, протестираше белгиската министерка за здравство.
„Не смееме поради тоа да војуваме меѓу европските земји, бидејќи со тоа само ќе се создаде ризик од зголемување на цената на таа опрема“, рече италијанскиот министер за здравство, Роберто Сперанца, по состанокот во Брисел и ги повика земјите членки на заедничко дејствување.
Германија и Франција го известиле извршното тело на Европската унија дека не сакаат да извезуваат заштитна опрема, наведе портпаролката на Европската комисија, Соња Господинова.
Ваквата можност се дозволува под одредени услови, вклучително тогаш кога е во прашање јавното здравје, појасни Господинова. Таквите мерки треба да бидат сразмерни и добро објаснети, додаде.
Министерството за стопанство во Берлин го забрани извозот на заштитна опрема како маски, ракавици и одела. Исклучок се единствено меѓународните хуманитарни шеми.
Франција, пак, ги заплени сите медицински заштитни маски и ги издава единствено на медицинскиот персонал или на рецепт.